Млади македонски уметници:Ангел Коруновски(академски вајар).
Пријатно изненадена од успесите на еден наш млад автор морав сознанијата да ги поделам со вас и да ви го претставам онака како јас го доживувам.
Ангел Коруновски е академски вајар роден 1979 година во Велес и со своите неполни 30 години направил уметнички дела и по квантитет и по квалитет повеќе од некои за својот цел уметнички век.Актуелен е во моментов со монументалната скулптура на Филип втори која е поставена(или се поставува)во Битола.
Грандиозна и претставителна,извајана со истенчено чуство за пропорција,анатомски простудирана,човечката фигура изгледа природно,стабилно и силно, со драперија која е материјализирана вешто и ненаметливо и преодот меѓу човекот и коњот континуирано се движи до раскошното и мускулесто,раздвижено тело на кралскиот коњ.Постаментот содржи релјефи во кои најверојатно се претставени некои сцени од периодот на владеењето на Филип втори(но за тоа не сум информирана).Се надевам набрзо во живо ќе ја видам оваа скулптура.
Друга монументална скулптура по која е познат е онаа во центарот на Велес наречена ‘’Велешки илинденци’’повторно приказ на коњаник изработен од бронза,димензии 3,70 х 3,50 х 1,5.
По мое видување искуството во правењето на оваа скулптура довело до напредната и постудиозна изработка на скулптурата на Филип втори.Овде забележувам поголема ригидност и извештаченост во поставеноста на коњаникот и коњот од најновата негова монументална скулптура.
За најдобро идејно решение за споменик кој ќе го претставува Цар Самоил, во Струмица е избрана неговата скулптура.Цар Самоил е претставен во седната положба,замислен,а во својот скут го држи за глава војникот на умирање.Ме потсетува по малку на МИСЛИТЕЛОТ на Огист Роден со една да ја наречам импресионистичка пластика и меки разливачки форми кои сепак цврсто егзистираат на осмислената композиција.
Монументална скулптура,но од поинаков карактер,би рекла со поголем авторски печат и стил е скулптурата поставена пред ресторанот ИДАДИЈА наречена ЈАС И ТИ.
Со димензии 3,30х 2,5 и излиена во бронза ги има сите авторски обележја на овој млад уметник и совршено го отсликува неговото размислување за современата скулптура.Разновидна текстура,користење на боја и графички израз во три димензии со вметнување шуплини и испакнатини надополнети со жици на кои се вметнати разновидни елементи кои како музика го комплетираат целосното доживување.
Ангел Коруновски учествувал на многу изложби и имал и неколку самостојни на кои се претставува и со поинтимни,помали по формат дела во повеќе материјали дрво,бронза,злато,восок,се занимава и со релјефи,цртање и сликање. На пример ова дело наречено ЗЛАТНА РИПКА е изработено во дрво и злато.
Делува мошне нежно,оптимистички и надежно,во некој Хуан Мироовски манир,свеж и детски,исткаен во средината со малечки елементи кои целосно го освежуваат восприемачот на ова дело.
Неговите скулптури се емотивни и наративни со разновидни ефекти на вдлабнато,шупливо,испакнато,гребено,вткаено,вметнато,ситни и крупни површини-прекрасна игра на можностите што ги дава разновидниот материјал. ’’Пеперутки во мојот стомак’’ дрво.
Тука ќе завршам со она што сакав да го кажам оставајќи простор времето да ја раскаже целата приказна на овој млад,но не и незрел вајар.
Весна Ничевска –Саравинова(академски сликар)
Сре 28 Јан 2009, 12:08 pm by Anton